Новата верзија на популарната слободна работна околина нуди префинетост и можности.
СКОПЈЕ, Македонија - 7ми септември, 2005 - Проектот Гном (GNOME) денес ја објави најновата верзија на работна околина и развојна платформа - Гном. Гном е водечката работна околина за Линукс и Јуникс оперативните системи. Благодарение на огромниот фидбек од страна на корисниците, програмерите и придонесувачите, верзијата 2.12 сега нуди подобрена употребливост и поголема моќност, таа вклучува илјадници промени кои што ја рефинираат најлесната и најпријателската слободна работна околина.
Во согласност со филозофијата, "прво корисниците", Гном нуди нови изданија на секои шест месеци. Ова им дозволува на развивачите и дистрибутерите да ги планираат нивните продукти базирани на Гном со сигурност и самодоверба. Како резултат на ова дистрибуциите како Федора, СУСЕ и Убунту ќе го вклучат Гном 2.12 во следните изданија на нивните производи со што ќе им овозможат на милиони корисници да го користат Гном 2.12.
Клучни опции на Гном 2.12 за корисници:
Освежена стандардна тема.
Полесно менаџирање на датотеки.
Интуитивно однесување на просторот за копирање.
Унифициран прелистувач на документи.
Контролен панел „За мене“.
Систем администраторите со задоволство ќе ги пречекаат новите сервиси на контролниот панел и уредувачот на менија. Програмерите ќе имаат голема корист од подобрувањата на приборот со алатки, ГТК+. Тука е вклучена и интеграцијата на следната генерација на прибор со алатки, каиро од freesoftware.org.
"Гном 2.12 изгледа подобро од секогаш и доаѓа со поголема конзистентност," рече Овен Тејлор, директор на одборот на фондацијата Гном. "Постојат нови корисни опции низ целата работна околина, внимателно имплементирани поради зголемувањето на корисноста а сепак истовремено оставајки го Гном едноставен и интуитивен."
"Ова издание се должи на напорна работа од страна на фантастична група на луѓе," рече Илајџа Њурен, менаџерот за објавување на Гном. "Горди сме на нашите програмери и на тоа што го произведоа."
Гном 2.12 е достапен на 43 јазици меѓу кои и галицијски, индонезиски, македонски, непалски, словачки, виетнамски, тајландски и џоса. Во ова издание има и многу повеќе делумно поддржани јазици.
Гном 2.12 наскоро ќе биде достапен како дел од најпопуларните Линукс дистрибуции. За оние кои не можат да чекаат новото живото Гном CD (достапно на www.gnome.org/start/2.12/) им дозволува на корисниците и новинарите да ја тестираат последната верзија на работната околина Гном само преку снимање на CD и рестартирање - не е потребна инсталација.
Развивачите и напредните корисници кои сакаат да ја инсталираат работната околина и развојна платформа Гном 2.12 сега можат да ја преземат од http://ftp.gnome.org/pub/GNOME/desktop/ Софтверот го вклучува и изворниот код за интерфејсот на околината Гном 2.12 како и комплетен сет на алатки за развој и библиотеки.
Гном е проект базиран на слободен софтвер наменет за развој на комплетна, едноставна за употреба работна околина. Покрај вклучените централни компоненти за работната околина како што се системските менија, датотечниот менаџер, интернет прелистувачот и останатите алатки, Гном е и комплетна развојна платформа која што им овозможува на програмерите да креираат нови апликации.
Повеќе од 500 програмери на софтвер од секој континент, вклучувајќи и повеќе од 100 платени програмери со дел од своето време придонесуваат за овој проект. Проектот е спонзориран од индустриските лидери: Флуендо, ХП, ИБМ, Новел, Ред хат и Сан. Гном е поддржан на повеќе платформи вклучувајќи го и ГНУ/Линукс (подобро познат како Линукс), оперативниот систем Соларис, „HP-UX“, Јуникс, БСД, и Дарвин на Ејпл.
Работната околина Гном ја користат милиони луѓе низ целиот свет. Гном е стандарден дел од сите водечки Линукс и Јуникс дистрибуции во светот, вклучувајќи ги и најпопуларните, како што се Дебиан, Федора Кор и СУСЕ и е стандардна работна околина на повеќе водечки бизнис Линукс дистрибуции како што се „Ред хат ентерпрајз линукс“ и Сан јава десктоп систем. Гном исто така е и работната околина која што се користи во некои од најголемите Линукс средини во светот вклучувајќи ги и Екстрамадура во Шпанија и Сао Паоло во Бразил. Технологијата на Гном, за развој на своите производи ја користат и водечките независни производители на софтвер за Линукс. Можеме да ги спомнеме Фајрфокс, проектот Eклипс, Риал нетворкс и Вмвер.
Повеќе информации за Гном можете да најдете на http://www.gnome.org/
Составена од илјадници програмери-волонтери и компании кои што се водечки во индустријата, фондацијата Гном е организација посветена на поддршката за напредувањето на Гном. Фондацијата е непрофитна организација која што снабдува финансиска, органиизациска и правна поддршка за проектот Гном и помага да се определи неговата визија и план за развој. Повеќе информации за фондацијата Гном можете да најдете на foundation.gnome.org.
Ве молиме испраќајте ги сите прашања на Арангел Ангов.
Линукс е заштитна марка на Линус Торвалдс. Сите останати имиња се заштитни марки и сопственост на нивните сопственици.
|
Previous Contents |
ОБЈАВЕНА Е РАБОТНАТА ОКОЛИНА И РАЗВОЈНА ПЛАТФОРМА ГНОМ 2.12 |